Речиси половина од играчи на НФЛ-шампионот, Филаделфија Иглс одбија да присуствуваат на традиционалниот прием кај претседателот на САД, Доналд Трамп, кој вообичаено се организира во Белата куќа за освојувачот на Супербоул.
Меѓу тие што одбија да одат беше и најголемата ѕвезда на тимот, 26-годишниот МВП на финалето, Џејлен Херц.
Од Белата куќа соопштија дека Херц и останатите не дошле поради „совпаѓање на обврски во распоредот“, но американските медиуми пренесуваат дека играчите одбиле да одат во знак на револт кон актуелните политики на Трамп, не сакајќи да бидат дел од церемонија поради несогласување на неговиот начин на водење на САД. Присуството на приемот било по избор, а факт е дека помалку од половина од тимот на Иглс се појави во понеделникот во Белата куќа.
И покрај отсуството на Херц, Трамп го пофали најкорисниот играч на Супербоул, нарекувајќи го „одличен човек и одличен играч“.
Fly, @Eagles Fly! 🇺🇸🦅 pic.twitter.com/hWgjvVcoca
— The White House (@WhiteHouse) April 29, 2025
Покрај Херц, на приемот не се појавија ни други клучни играчи кои во февруари го совладаа Канзас Сити Чифс со 40-22, а меѓу нив Браун, Девонта Смит, Џејлен Картер, Џордан Дејвис и Брендон Греем.
По својот прв Супербоул во 2018 година, посетата на Иглс на Белата куќа беше откажана откако мнозинството од играчите и тогаш одбија да се појават. Тогаш голем број американски спортисти протестираа преку клечење за време на американската химна – протест што започна во 2016 година. Иако Иглс никогаш не потврдија дека тоа е причината за нивниот бојкот, јавноста го поврза откажувањето со тој контекст. Трамп, кој и тогаш беше претседател, остро ги критикуваше играчите што клечеа за време на химната, па наместо нив, на прием покани навивачи на Иглс.
Трамп ја повлече поканата и за Голден Стејт Вориорс по нивната титула во НБА во 2017 година, откако двократниот МВП Стеф Кари изјави дека не сака да оди во Белата куќа. Вориорс не беа поканети ни следната година, иако тоа е традиција која трае од 19. век, и покрај тоа што ја освоија третата титула во четири сезони.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

