Анчелоти и Реал Мадрид – „разводот“ ќе се официјализира веднаш по Ел Класико

Карло Анчелоти ги минува последните денови на клупата на Реал Мадрид, веќе е извесно дека Италијанецот нема да ја одработи последната година од актуелниот договор, но последните информации од Шпанија говорат дека може и да не ја доврши оваа натпреварувачка сезона на кормилото на „кралскиот клуб“.

Флорентино Перез и Карло Анчелоти се договориле, Италијанецот дефинитивно си оди, а одлуката ќе биде официјализирана веднаш од „Ел Класико“, мечот што ќе биде одигран викендов и што би можел дефинитивно да ја реши трката за титулата во Ла Лига. Доколку Реал слави на овој меч, Анчелоти сигурно ќе остане на клупата до крајот на сезонава во трка со Барса за шампионскиот трофеј.

Сепак, доколку се случи Реал убедливо да загуби во Барселона тоа може да значи и експресен отказ за Италијанецот. Планот е во тој случај новиот тренер да добие барем малку време да се запознае со екипата што би ја водел на клупскиот мундијал следниот месец. Чаби Алонсо е достапен дури од 1 јули, па оваа функција на привремен тренер ќе му биде доделена на Сантијаго Солари, Аргентинецот кој е подготвен веднаш да го преземе кормилото на „кралскиот клуб“.

Иднината на Карло Анчелоти исто така е веќе извесна, легендарниот тренер ја прифатил последната понуда да стане селектор на Бразил. Иако доби побогата понуда од Саудиска Арабија, големиот стручњак реши да го исполни големиот предизвик и да ја прифати една од најпрестижните работи во светот на фудбалот. Планот е тој најдоцна на почетокот на јуни да се пресели во Бразил и потоа да ги води „кариоките“ на следните квалификациски средби против Парагвај и Еквадор.

Се вчитува...