Во Софија, Бугарија се одржа Европскиот куп во мечување за натпреварувачи до 23 години. Тоа беше последниот, од четирите купови во сезоната 2024/25 што ги организираше Европската мечувалечка конфедерација. Куповите беа од отворен тип и на него можеа да настапат и мечувалци од останатите држави од целиот свет.
Во Софија настапија четворица мечувалци и две мечувалки и од Македонија, при што најдобар резултат постигна Огнен Бундалески, кој иако е на возраст од само 17 години, во групната фаза стартуваше со четири победи, за да на крајот се пласира меѓу 16 најуспешни, освојувајќи го 13. место во конкуренција на 50 мечувалци.
Во женска конкуренција, со две победи во групната фаза Искра Дамјаноска ги продолжи борбите во директни елиминации освојувајќи го 16. место.
Ова е уште еден во низата успеси на меѓународен план на македонските мечувалци оваа сезона. До крајот на јули ќе настапат на Европското сениорско првенство во Џенова во Италија и на Светското сениорско првенство во Тбилиси во Грузија.
Мечувалците кои ќе настапат на европското и светското првенство ќе ги одреди селекторот Билјана Кузмановска – Николовска по завршувањето на државното првенство што ќе се одржи следниот викенд во Скопје.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

