Првиот Куп-трофеј за Вардар освоен во 1961 година – Фудбалерите како награда добија кристален пепелник и пари за еден фрижидер!

Во својата досегашна историја, најтрофејниот македонски клуб Вардар има освоено вкупно 6 трофеи во Куп натпреварувањата во поранешна Југославија и потоа во независна Македонија. Од нив, еден во поранешна СФРЈ и пет по независноста. Првиот Куп-трофеј е освоен на 26 мај 1961 година кога во финалето на Купот на Маршал Тито, Вардар на стадионот „ЈНА“ во Белград го победи хрватски Вартекс од Вараждин со 2-1!

Без сомнение, 26 мај 1961 година со златни букви ќе остане запишан како еден од најзначајните датуми во богатата историја на најтрофејниот клуб во нашата држава – Вардар, сигурно и на македонскиот фудбал. Тој ден, пред повеќе од 15.000 гледачи на стадионот ЈНА во Белград, во финалето на Купот на поранешна Југославија, во тоа време најмасовното фудбалско натпреварување во кое учествуваа илјадници клубови од сите тогашни републики, Вардар го победи Вартекс од Вараждин со 2-1 и го постигна дотогаш најголемиот успех во натпреварувањата на поранешна Југославија. Тоа беше првиот трофеј на Вардар во својата клупска историја во сениорска конкуренција!

Капитенот Славко Дацевски го добива трофејот по финалето во Купот на Југославија во Белград

И додека фудбалерите на Вардар предводени од капитенот Славко Дацевски славеа на теренот заедно со своите навивачи на трибините, веднаш по завршувањето на радио преносот од Белград, кога се слушнаа гласовите на двајцата репортери Никола Солдатов и Ивко Панговски кои заедно во еден глас извикаа „крај, крај, Вардар е победник“, улиците на Скопје за миг се преполнија. Излезе што се вели и старо и младо не само неговите навивачи, туку и многубројни љубители на фудбалот да го поздрават најголемиот успех на фудбалот во тогашната Република Македонија.

А, патот до финалето не беше лесен за Вардар. Во првото коло го победи Јединство (Бело Поле) со 2-1, потоа во една невидена драма и големиот фаворит за пехарот белградски Партизан со 3-2, на ред дојде и Раднички од Белград со 4-1 и на крајот во полуфиналето прволигашот Сплит со 5-2.

Вартекс, кој таа година играше во Втората лига направи подвиг пласирајќи се во финалето. Беше подобар од Железничар (Сараево) со 1-0, Пролетер (Зрењанин) со 3-1, Борово 1-0 и Хајдук со 2-0 на пенали.

На финалниот натпревар Вардар играше во состав: Тоде Георгиевски, Петар Анѓушев, Благоја Вучидолов, Славко Дацевски, Часлав Божиновски, Драган Трајчевски, Мирко Илиевски, Владо Николовски, Стојан Велковски, Андон Дончевски и Петар Шулинчевски.

Вардаровиот тим со освоениот пехар во финалето од Купот на Југославија

Постарите љубители на фудбалот дефинитивно се сеќаваат се уште на овие играчи, особено на Петар Шулинчевски, роден ресенчанец, сигурно еден од најдобрите фудбалери во Македонија, кој пред да дојде во Вардар игралше и за Пелистер, но и на капитенот Славко Дацевски кој беше првиот играч од Македонија кој го носеше дресот на Црвена звезда, а потоа играчката и тренерската кариера ја продолжи и во Австралија, на голманот Тоде Георгиевски, на Часлав Божиновски првиот капитен на државниот тим во независна Македонија, како и на Андон Дончевски првиот селектор во независна Македонија.

Головите за Вардар ги постигнаа Илиевски во 50. минута и Николовски во 53. минута, кога за три минути беше скршен отпорот на борбените фудбалери од Вараждин.

Од овој состав од пред 64 години најмногу натпревари за Вардар има одиграно Дацевски 375, пред Дончевски 337, Илиевски 325, Шулинчевски 317, Велковски 302, Божиновски 296, Георгиевски 234, Вучидолов 230, Николовски 211, Трајчевски 133 и Анѓушев 70.

За жал повеќе не се меѓу живите: Георгиевски, Божиновски, Трајчевски, Дацевски, Николовски, Илиевски, Вучидолов, Анѓушев, Велковски и Шулинчевски. Исто така и тренерот Антон Лика.

Во Белград беа и играчите: Радослав Чапаровски, Илија и Сократ Мојсов, голманот Љубомир Цветковски-Жмара, Павле Георгиевски и Мите Грозданов, но ниту еден не влезе во игра бидејќи во тоа време немаше замена на играчи во текот на натпреварот како денес по тројца во текот на сите 90 минути. Чапароски, Цветковски и Павле Георгиевски се исто така починати.

СЕКОЈ ИГРАЧ ЗА НАГРАДА ЗА ОСВОЕНИОТ ТРОФЕЈ ДОБИ КРИСТАЛНА ВАЗНА, КРИСТАЛЕН ПЕПЕЛНИК И 70.000 ДИНАРИ

Интересно е да се напише како беа наградени играчите на Вардар за овој голем успех од клубот бидејќи не беше мала работа да се освои Купот на Југославија во конкуренција на тогашните фудбалски сили Партизан, Црвена звезда, Хајдук, Динамо.

За денешните љубители на фудбалот смешна награда. Секој играч доби по кристална вазна и кристален пепелник и по 70.000 динари. Од таа сума половина беше од клубот, половина ја додели Околискиот фудбалски одбор. А, колкава вредност имала тогаш сумата од 70.000 динари? Како што ни кажаа тогашните играчи можеле да си купат само еден фрижидер.

Како победник на Купот на Југославија, Вардар играше во Купот на победниците на европските купови но не се прослави. Загуби на стартот од шкотскиот Дамферлајн во гости со 5-0 , во Скопје во реваншот победи со 2-0 и беше елиминиран.

Од пречекот на фудбалерите на Вардар во Скопје по освоениот трофеј во Купот во 1961 година

ВО ПОРАНЕШНА СФРЈ САМО УШТЕ ЕДНО ПОЛУФИНАЛЕ ЗА ВАРДАР ВО 1965 ГОДИНА

Уште еднаш во својата историја Вардар беше блиску до второто финале, но во полуфиналето 1965 година загуби во Скопје од Будуќност (Титоград) со 2-0. Вардар е единствениот клуб од Македонија што го има освоено Купот на Југославија.

М.Мицковиќ

Се вчитува...