Штип станува центар на македонското таеквондо: Првото издание на „Штип Опен 2025“ ќе се одржи на 8 јуни

Штип оваа недела ќе биде во знакот на спортот, дисциплината и младешкиот борбен дух! Во недела, на 8 јуни, спортската сала „Јордан Мијалков“ ќе биде домаќин на првото издание на „Штип Опен“ – официјален таеквондо турнир кој се очекува да привлече голем број учесници и посетители од целата држава и регионот.

Организаторите на турнирот, Таеквондо клуб Штип, во соработка со Таеквондо федерацијата на Македонија, подготвуваат вистински спортски спектакл. Турнирот започнува во 09 часот, а се одвива како дел од државната лига систем – серија од вкупно шест официјални натпревари, преку кои се формираат националните ранг-листи за најдобрите клубови и натпреварувачи.

Ова е голем чекор напред не само за клубот, кој за само една година постоење веќе има свои претставници во македонската репрезентација и зад себе има бројни медали, туку и за градот Штип, кој со овој настан се позиционира како значаен спортски центар на македонската таеквондо сцена.

„’Штип Опен 2025′ ќе донесе на едно место деца, млади спортисти, тренери и семејства – сите обединети во љубовта кон овој олимписки спорт. Ќе имаме можност да гледаме врвни борби, силна конкуренција, но и да уживаме во фер-плеј и спортско другарство. Ги повикуваме сите граѓани на Штип и регионот, спортските ентузијасти, љубителите на боречките вештини и сите кои сакаат да го поддржат развојот на младите, да присуствуваат и бидат дел од ова значајно прво издание на „Штип Опен“. Да го прославиме спортот, духот и успехот на младите генерации! Се гледаме на 8 јуни во салата ‘Јордан Мијалков’ – Штип“ – порачаа организаторите на „Штип Опен 2025“ од Таеквондо клубот Штип.

Се вчитува...