Македонската женска кадетска одбојкарска репрезентација воопшто не разочара на Балканското првенство за одбојкарки до 19 години кое се одржа во Тирана, Албанија. Напротив, се чини со малку повеќе среќа можеше да заврши и резултатски далеку поуспешно погледнувајќи ги игрите на нашите млади одбојкарки.
Македонија беше во исклучително силна група на шампионатот заедно со Бугарија и Турција, кои на крај играа и во финалето на турнирот, а титулата балкански шампион ја однесе Бугарија.
Токму против Бугарија, македонските одбојкарки го стартуваа првенството во првото коло демонстрирајќи одлична игра, повеќе од успешно парирајќи на една од најдобрите европски селекции. За сето тоа, на крај, говорат и статистичките показатели. Македонија во името на Андротеа Милевска ја има и една од најдобрите млади одбојкарки на Балканот, која, според финалната статистика, се најде на листата на најдобрите десет поентерки на турнирот.
18-годишната Милевска, Балканското првенство, го заврши со вкупно 60 освоени поени на четири мечеви, од кои 54 преку дирекни напади, три блока и три аса. Прогласена е и за најдобар играч на мечот во победа против Косово од 3-0 во групната фаза од турнирот.

Милевска, е дел од списокот на сениорската репрезентација на Македонија, минувајќи ги и подготовките на сениорските пред настапите во Европската лига, под водство на селекторот Стефан Пауновиќ.
Од останатите македонски одбојкарки, Ивана Милева, Балканското првенство го заврши со 38 освоени поени, а се издвои и Ана Ѓорѓиевска, која имаше 27 поени, од кои шест аса.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

