Пелистер одржа Собрание: Стефановски нов извршен директор, Здравевски останува во клубот

Фудбалскиот клуб Пелистер АД денеска одржа собрание на акционери на кое ги прифати оставките на Митко Стојковски, Тони Мицевски, Пеце Цветковски и Златко Деловски.

„Клубот најискрено им се заблагодарува за нивниот професионален однос и придонес во развојот на клубот“ – информираат од Пелистер.

Општина Битола, како единствен акционер на клубот, постави нов борд на директори и одлучи раководечката структура на клубот да им биде доверена на луѓе од самата Општина. Нов генерален извршен директор на ФК Пелистер АД е Александар Стефановски, кој е дел од одделението за јавни дејности и директно вклучен во областа спорт при Општина Битола.

„Ми причинува задоволство што ми е доверен овој нов почеток на клубот. Наскоро ќе го промовираме новиот тренер, кој ќе добие поголеми ингеренции и околу спортската структура на клубот. Веруваме дека ФК Пелистер АД е на вистински пат и ќе го продолжи развојот“ – истакна Стефановски по одржаното Собрание.

Технички директор на клубот останува Сашо Здравевски, а нов координатор на младинската школа ќе биде Марјан Секуловски.

Според последните информации од Битола, како нов шеф на стручниот штаб, по заминувањето на Срѓан Захариевски, се спомнува Димитар Капинковски.

Се вчитува...