Албанскиот стратег Бледи Шкемби и официјално е промовиран за нов тренер на Струга ТЛ, наследувајќи го Илчо Ѓорѓиоскин на оваа функција.
Стружани одлучија довербата да ја доверат на искусниот тренер кој изминатиов период во два наврати го водеше еден од најдобрите албански клубови, ФК Тирана.
„По раскинувањето на договорот со „црвено-сините“ од главниот град на Албанија, Шкемби доаѓа во Струга ТЛ почнувајќи ново и подолгорочно патување. Постигнавме двегодишен договор со стратегот од Корча, со можност за продолжување за уште една година. Тој одлучи да го има Сабиен Лилајн, уште едно добро познато име во албанскиот фудбал, кој беше и дел од славниот Скендербег, за свој асистент“ – информираат од клубот.
Што се однесува до остатокот од тренерскиот кадар, останува речиси исто со Меритон Гега и Дејан Лескароски кои исто така продолжуваат како асистенти во стручниот штаб, Стефан Мечкаровски ќе продолжи да ја врши работата на кондициски тренер, додека Дардан Мифтари останува тренер на голманите.
Инаку, Шкемби во својата кариера како тренер во два различни периоди неодамна ја водеше Тирана, додека во Албанија водеше и тимови како Теута и Динамо, а во меѓувреме во Косово, работеше како тренер на Лирија и ФК Балкан.
Во два кратки периоди тој ги водеше и младинските тимови на албанската репрезентација, до 17 години и до 19 години.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

