ЕКИПА во Раденци, Словенија
Горан Бошев
Вардар за новата сезона ќе се засили со француски интернационалец кој настапувал и за прволигашот Мец, вреден 1,5 милиони евра, информираше извршниот директор на Вардар, Миленко Неделковски, на брифингот со медиумите за време на подготовките на „црвено-црните“ во Раденци, Словенија.
„Во среда ни доаѓа играч со француски пасош кој играл во Мец во минатото, а неговата вредност изнесувала и 1,5 милиони евра. Желбата беше да донесеме и двајца македонски интернационалци, но засега нема ништо од тоа“ – информираше Неделковски.
Можно засилување на Вардар е и Аргентинецот Диего Факундо Кастањеда кој игра на левокрилната офанзивна позиција.
„Диего Кастањеда е кај нас, но дали ќе потпишеме не знаеме. Сакаме да го видиме, факт е дека има квалитет и потенцијал, но ќе видиме во следниот период дали ќе следи официјален договор“ – дополнува Неделковски, истакнувајќи дека пријателски била разделбата со оние на кои нема да се смета во следната сезона.
Кастањеда доаѓа од црногорскиот Петровац каде настапуваше изминатава сезона, а потекнува од фудбалската школа на Бока јуниорс. Во минатото играл и за аргентинските Сан Мигел, Национал и Кануељас.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

