ЕКИПА во Раденци, Словенија
Горан Бошев
Вардар низ актуелниот летен преоден рок одби понуди од странство за неколку свои првотимци, носен од желбата за задржување на што поквалитетен состав за настапите во Конференциската лига, но и атакот на двојната круна во новата сезона.
Извршниот директор Миленко Неделковски информираше дека од клубот се одбиени сериозни понуди за Михаил Талевски од Партизан, вредна 100.000 евра, но и за Мислав Матиќ и за Роџерс Мато.
„Минатото лето имавме големи проблеми со преодниот рок. Но сега е сосема поинаква приказна. Сега сме во позиција да одбиваме и понуди за наши фудбалери. Одбивме понуда од 100.000 евра од Партизан за Михаил Талевски, затоа што веруваме и знаеме дека вреди повеќе. Одбиена е понуда за Роџерс Мато, но и за Мислав Матиќ од германски Дармштад. Сериозни пари се тоа, но недоволни затоа што имаме сериозни амбиции. Сакаме да имаме силен тим за тоа што ни следи и дополнително се засилуваме и со Ибрахим Олаосебикан од Брера, а ќе имаме двајца „странци“ кои влегуваат во квотата Западен Балкан, Немања Босанчиќ и Горан Закариќ“ – изјави Неделковски.
Како што е познато, не е тајна дека и Работнички беше заинтересиран за ангажман и на вардаровиот напаѓач Азер Омерагиќ, за кого постоеше интерес и од Австрија. Но, капитенот на црвено-црните останува во вардаровите редови за настапите на европската сцена ова лето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

