Секуловски промовиран во Пелистер: „Нашата школа повторно да биде фабрика за таленти!“

ФК Пелистер ја започна реорганизацијата во клубот, со именувањето, меѓу другото, и на Марјан Секуловски за нов координатор на школата на „зелените“. Тој ќе го заземе местото на Златко Цветановски.

Новиот координатор денеска одржа прес-конференција на која го изложи својот план, идеологија и идеи за работа на познатата „фабрика за таленти“ во Битола.

„Не го очекував овој предизвик, но го прифатив. Верувам во континуитет на работа. Ние кои доаѓаме во овој момент мора да дадеме максимални напори работите кои биле на добро ниво да ги подигнеме. Има два пристапа, едниот пристап е резултат по секоја цена, другиот пристап е создавање на фудбалери, а не резултати по секоја цена. Јас школата ја замислувам како фабрика која треба да произведува фудбалери. Тренерите кои работат во школите нема да имаат притисок за резултат, туку за создавање на квалитетни играчи кои ќе можеме да ги понудиме на сениорската екипа“ – рече Секуловски, притоа дополнувајќи:

„Имам два начини на работа на пионерско-младинската школа – еден за децата од 6 до 14 години и друг за натпреварувачките категории. Школата има тринаесет екипи и веќе одржав состаноци со сите категории, тренери, родители. Ги очекувам извештаите за минатата сезона и потоа ќе ги одредиме и кадровските промени за следната сезона. Мојата цел е во натпреварувачките категории да работат професионалци и целосно да бидат посветени на работата и на децата. Ги организираме и деталите околу инфраструктурата и терените и верувам дека ќе потпишеме меморандум за соработка со сите фудбалски школи и двата женски клуба и дека добро ќе ги распоредиме термините на терените кои ги имаме на располагање“.

Се вчитува...