Комплетирајќи ги играчките редови за настапите на европската сцена но и новата сезона во Првата македонска фудбалска лига, Вардар се засили и со еден од најголемите таленти на македонскиот фудбал, младинскиот репрезентативец Димитар Данев.
19-годишниот Данев, кој игра на крилните офанзивни позиции, зад себе остава извонредна сезона во дресот на Работнички која не остана незабележана и од повеќе домашни, но и странски, екипи кои го посакуваа неговиот потпис. На крајот, пресуди понудата од најтрофејниот македонски клуб кој со Данев потпиша четиригодишен договор, до јуни 2029 година.
Димитар Данев потекнува од младинската школа на Работнички, а изминативе сезони беше стандарден првотимец на „романтичарите“ со одиграни 41 натпревар во македонското елитно фудбалско друштво.
Иако со 19 години, веќе е стандарден и за младата репрезентација на Македонија за фудбалери до 21 година, со шест досега запишани настапи во младинскиот црвено-жолт дрес.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

