Пелистер со ново засилување – потпиша Марјан Ристовски

Пелистер полека, но сигурно се екипира за наредната натпреварувачка сезона откако битолчани по потписите на нови договори со клучните играчи, сега се насочија кон ангажман на нови засилувања.

Прво засилување беше долгогодишниот репрезентативец Стефан Спировски, минатата седмица беше претставен и Србинот Ристиќ, а од денеска нов член на Пелистер е и крилниот офанзивец Марјан Ристовски, кој по кратката авантура во Грција се враќа назад во мак-фудбалот, како член на „зелено-белите“.

„Ростерот на Пелистер за сезоната 2025/26 е посилен за уште едно квалитетно и искусно име од македонските терени. Наш нов член е Марјан Ристoвски, кој потпиша договор на една сезона со ФК Пелистер. Се работи за 28-годишен страничен фудбалер, со акумулирано искуство со настапите во нашата Прва лига.

Ристoвски е роден во Гевгелија, а во мак-фудбалот настапувал за Кожуф, Тиквеш, Борец, Работнички, Силекс, Вардар, Брера, додека во Грција ги бранеше боите на Кавала. Во Првата македонска лига има 124 натпревари и 20 голови. Во есенскиот дел од минатата сезона за Брера Струмица одигра 14 натпревари“, објави ФК Пелистер.

Се вчитува...