Раководството на Македонскиот Олимписки Комитет за петок го најави официјалното претставување на спортистите што ќе ги бранат боите на нашата држава на претстојниот ЕМОФ 2025, младинскиот фестивал на кој нашите спортисти ќе се натпреваруваат со врсниците од земјите ширум Европа.
„Со огромна чест и задоволство, на 18 Јули 2025 година, со почеток во 11:00 часот, во Олимпискиот центар “Јане Сандански“ (сала за видео проекции), би сакале да ви ги претставиме младите Олимпијци и врвни спортски таленти кои ќе ја претставуваат Македонија на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) Скопје 2025. Овие млади спортисти, избрани врз основа на нивните извонредни достигнувања и посветеност, се вистински амбасадори на македонскиот спорт и иднината на нашиот олимписки дух.
Македонската младинска олимписка делегација е составена од најперспективните млади спортисти од различни спортови и спортски дисциплини, кои во изминатиот период напорно работеа и се подготвуваа за овој најголем Европски мулти-спортски настан во 2025 година.
Нивното учество на ЕМОФ Скопје 2025 не само што е признание за нивниот труд, туку и можност да се натпреваруваат со врсници од цела Европа, да разменат искуства и да го почувствуваат вистинскиот олимписки дух.
Ве покануваме да им дадете поддршка на овие млади надежи и да помогнете во промоцијата на нивните достигнувања, бидејќи тие се инспирација за сите нас и гордост на нашата држава“, се вели во дописот од претседателот на МОК, Даниел Димевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

