Српски дефанзивец потпиша за Пелистер

Екипата на Пелистер продолжува со формирање на ростерот за наредната натпреварувачка сезона, откако битолчани денеска претставија уште едно ново име во своите редови.

Станува збор за Немања Здравковиќ, 32-годишен дефанзивец кој доаѓа од Србија и денеска го стави потписот на едногодишниот договор со „зелено-белите“.

„ФК Пелистер од денес е посилен за уште еден интернационалец. Нашата одбрана доби на квалитет и искуство, а фудбалското семејство во Битола има уште еден фудбалер од Србија. Централниот дефанзивец Немања Здравковиќ е нов фудбалер на Пелистер. Тој потпиша договор на една сезона и веднаш му се стави на располагање на тренерот Димитар Капинковски“, се вели во соопштението на клубот од Битола. 

Здравковиќ има 32 години и доаѓа во Првата македонска фудбалска лига од Дубочица. Низ својата кариера Здравковиќ играл уште за Металац, Раднички, Напредок и во Литванија. Новиот фудбалер на Пелистер во кариерата играл на високо ниво во српската Суперлига и Прва лига и своето големо искуство ќе го пренесе во новиот клуб“, објавија битолчани на официјалната страница на фејсбук.

Се вчитува...