Џејкоб Вајли утрово пристигна во Гевгелија и се приклучи на подготовките на македонската репрезентација, како огромен плус за „црвено-жолтиот табор“.
Искусниот центар е во натпреварувачки ритам ако се знае дека до неодамна имаше клупски обврски во порториканскиот шампионат, подготвен да помогне во овој незгоден период за националниот тим.
„Искрено сум пресреќен што дојдов овде по неколку години пауза. Мотивацијата е на највисоко ниво, штом стапив во контакт со луѓето од федерацијата без многу размислување прифатив, среќен сум што со мене дојде и моето семејство, кое во живо ќе ги следи моите настапи за македонската репрезентација. Едвај чекам повторно да го облечам дресот на Македонија“, изјави Вајли.
Американецот ќе биде и највозрасен кошаркар во нашиот табор, од кого дефинитивно ќе се очекува заедно со Магдевски и Мекиќ како најискусни да ја предводат Македонија во новиот претквалификациски циклус.
„Знам дека репрезентацијата е подмладена и сметам дека тоа е природна работа – добро е што младите кошаркари ќе добијат можност да блеснат на сениорско ниво. Допрва ќе тренираме и ќе се воигруваме, свесен сум дека во овој процес на подмладување мојата улога како лидер ќе биде уште позначајна, но подготвен сум за тоа. Ќе дадам се за да помогнам, да внесам позитивна енергија на тренинзите и на натпреварите, да помогнам со своето искуство и да дадам придонес да стигнеме до што подобри резултати“, истакна Американецот во дресот на македонската репрезентација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

