Булатовиќ ново име во нападот на Пелистер

Екипата на Пелистер продолжува со засилувањата откако вечерва беше официјализиран уште еден трансфер, потпишувајќи едногодишен договор со Лука Булатовиќ.

Српскиот интернационалец треба да биде засилување за навалната линија и доаѓа од редовите на Горица во Словенија, откако претходно настапуваше во пониските лиги во Грција.

„Компетитивноста во сите делови на тимот мора да биде присутна сезонава за остварување на зацртаните цели. За таа цел ФК Пелистер доведе уште едно засилување во офанзивата. 27-годишниот српски интернационалец Лука Булатовиќ денес потпиша едногодишен договор со нашиот клуб, веднаш откако ги мина лекарските прегледи.

Се работи за страничен напаѓач, кој доаѓа во Битола од словенечка Горица. Се работи за српски фудбалер, кој започна во Раднички Сремска Митровица, а потоа својата кариера ја градеше во Грција. Булатовиќ беше член на АЕ Лефкимис, Амвракиос Лутру, Македоникос Неаполис, пред во 2024 година да премине во словенечка Горица. За својот последен клуб минатата сезона одигра 29 натпревари и запиша седум гола и шест асистенции.

Лука Булатовиќ веднаш ќе му се стави на располагање на стручниот штаб и се очекува неделава да дебитира за новиот клуб“, објави ФК Пелистер.

Се вчитува...