Поранешната германска биатлонка Лаура Далмаер, двократна олимписка шампионка во 2018 година, доживеа тешка несреќа на планина во Пакистан, а нејзиниот тим изјави дека се плаши од најлошото.
Таа беше пронајдена од спасувачите, кои ја забележаа со хеликоптер, но сè уште не успеаја да стигнат до неа, додека 31-годишната биталонка „не покажува знаци на живот“, објави тимот на Инстаграм.
Далмаер отиде на планинарска експедиција до врвот на Лаила во планините Каракорум со врвови повисоки од 6.000 метри надморска височина, и се чини дека Германката загинала при одрон на карпи. Несреќата се случила во понеделник напладне на околу 5700 метри надморска височина.
„Поради многу изолираната област, хеликоптерот за спасување можеше да пристигне на местото на настанот дури во вторник наутро, а меѓународниот тим за планинско спасување во моментов го координира спасувањето“, потврди нејзиниот тим.
Меѓународната федерација за биатлон (IBU) во соопштението изјави дека нејзините „мисли се со Далмаер и нејзиното семејство, надевајќи се на добри вести наскоро“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

