Најверните навивачи на Шкупи, популарните „Шверцери“ со ново соопштение испратија сериозни обвинувања на адреса на поранешниот шампион на Македонија.
Приврзаниците на Шкупи ги обвинија клупските челници за манипулација на одредени средби од ланската сезона, но и обелоденија дека самите тие го откажале пријателскиот дуел со Арсими поради сомнеж дека може да биде користен за обложување и лична корист на одредени лица.
Соопштението на „Шверцери“ го пренесуваме во целост…
„ФК Шкупи, веќе една година, е во тешка ситуација. Иако го поддржуваме клубот и обезбедивме финансиски средства и спонзори за да остане жив, претставниците од Турција се исмејуваат со целиот наш град и клуб. Би сакале да ја известиме јавноста дека според податоците кои ги имаме, во текот на минатата сезона, претседателот на клубот заедно со дел од директорите (кои за жал повеќе не се дел од клубот) манипулирале со некои натпревари за лична корист.
Вчера, откако добивме информација дека пријателскиот натпревар со КФ Арсими е наменет да биде манипулиран за обложување, одлучивме во соработка со Федерацијата да го откажеме.
Според нашите најнови информации, Шкупи денес ќе патува за Турција само за да намести уште еден натпревар. Апелираме до сите надлежни органи под итно да интервенираат и да спречат овој срам да се случува и понатаму, а ние ќе направиме се што е во наша моќ тимот да не одигра ниту еден натпревар доколку не се промени ситуацијата“, меѓу другото се вели во објавата на „Шверцери“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

