Романската репрезентација е најпријатно изненадување на стартот од претквалификациите за СП 2027 откако Романците по триумфот во Куманово над Македонија, денеска славеа и во пресметката со Унгарија со убедливи 76-64. Романските кошаркари ја искористија предноста на домашниот терен и со одлично издание во второто полувреме стигнаа до голема победа, со која речиси сигурно си го обезбедија и пласманот во главните мундијалски квалификации.
Унгарија беше подобар противник само во првите 10 минути што гостите ги добија со 13-21. Домашниот состав го крена нивото во одбраната, го доби вториот период со 19-11, по што на одмор се замина со израмнети 32-32. Романија беше репрезентацијата што доминираше во второто полувреме, домаќините одлично ја завршија третата, а потоа и ја отворија четвртата четвртина, стигнувајќи до двоцифрена предност што ја задржаа до самиот крај и конечните „плус дванаесет“.
Мациуца со 21 и Попа со 11 поени беа најефикасни во победничкиот табор, додека кај Унгарците на овој дуел се истакнаа Перл со 15, Реуверс со 14 и Понго со 13 поени.
Во третото коло од нашата квалификациска група Унгарија во Солнок ќе ја пречека селекцијата на Македонија, меч што е закажан за 9 август, сабота.
За потсетување, пласман во главните квалификации за СП 2027 ќе обезбедат двете најдобри репрезентации од нашата група.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

