Пред стартот на новата сезона во ПМФЛ, екипата на Вардар се наметнува како еден од кандидатите за освојување на титулата, и враќање на шампионските патеки. Такви се и најавите од таборот на „црвено-црните“ пред стартот на шампионатот, во кој „вардарци“ утре на Националната Арена „Тодор Проески“ ќе го играат вечното дерби против Пелистер.
Еден од највпечатливите трансфери во летниот преоден рок, кој предизвика посебно внимание во домашната фудбалска јавност, е дефинитивно оној на еден од најголемите таленти на македонскиот фудбал, 19-годишниот Димитар Данев, кој од Работнички се пресели во редовите на лутиот градски ривал, Вардар. Може да се каже дека овој трансфер на младиот крилен фудбалер е изненадување, ако се има во предвид низ историјата дека „романтичарите“ ретко се откажувале да ги даваат своите таленти, а тоа да не биде надвор од границите на Македонија. Меѓутоа за самиот трансфер, за ЕКИПА зборува и самиот фудбалер.
„Искрено, кога ја добив понудата од Вардар, не размислував многу“, ни изјави младинскиот репрезентативец Данев и дополни:
„Вардар е најголем клуб во Македонија. Едноставно тим кој не се одбива. Тоа е најдобрата екипа во нашиот шампионат, и речиси секој играч од Македонија посакува да игра во овој тим. Затоа и дојдов тука, и сметам дека имам можност најпрво да се наметнам, и да напредувам во овој клуб“.
Пред младиот и исклучително перспективен играч е вечното дерби против Пелистер. Што се однесува до стартот на сезоната…
„Иако не сум играл досега на вакво дерби, знам што ме чека и подготвен сум ако добијам шанса да дадам се од себе. Очекувам да победиме. Атмосферата во екипата е одлична. Очекувам одличен меч, под рефлектори, дуел на две екипи со многу навивачи, имаме што да покажеме и се надевам дека со победа ќе го отвориме првенството“, вели Данев.

Данев веднаш дебитираше за Вардар уште на европските настапи ова лето. Против Ла Фиорита на гости ги одигра првите официјални црвено-црни минути, а беше и најдоброоценет вардаров фудбалер на гостувањето против Лозана во Швајцарија, веќе сериозно насочувајќи го вниманието кон себе.
„Дебитирав на гостински терен против Ла Фиорита, кога испуштивме победа во последните мигови со несреќен гол. Сепак, тие натпревари во Европа за мене и за целиот тим беа едно драгоцено искуство за она што следува. Против Лозана на домашен терен успеавме да победиме голем противник. На гостински терен се случи тоа што се случи. Многу ми е жал што испаднавме на таков начин, но од друга страна малку не спушти на земја пред почетокот на првенството“, додаде играчот на Вардар.
Крилниот фудбалер вели дека целта на Вардар идната сезона е атак на титула, по подолго време „црвено-црните“ да го вратат трофејот во своите витрини, а тој во својата деби сезона да дојде до шампионската круна.
„Уште пред да дојдам тука знаев дека Вардар има шампионски амбиции. Но, одиме чекор по чекор. Сега сме фокусирани само кон утрешниот меч со Пелистер. Конкуренцијата за првото место ќе биде добра. Шкендија има квалитетен тим и ќе биде нашиот најголем конкурент, меѓутоа сметам дека Вардар има потенцијал да направиме големи резултати, и јас искрено се најдевам дека ќе се претставиме во добро светло, и на крајот дека ќе го подигнеме трофејот“, вели Димитар Данев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

