Актуелниот првак Шкендија утре го почнува новиот шампионат со меч против Шкупи на домашен терен. Тетовскиот тим важи за апсолутен фаворит, ако се има во предвид што се случува во чаирската екипа, која до денеска треба да достави регистрација на професионални фудбалери, во спротивно може да биде исклучена од натпреварувањето.
Сепак, од таборот на тетовските „црвено-црни“ се подготвуваат за натпреварот во кој ветуваат дека ќе влезат максимално за да се освојат бодовите. Тренерот на првакот Јетон Беќири вели дека неговата екипа ќе го почитува секој противник, и дека во секој натпревар ќе влезе максимално мотивирано.
„Секако дека нашата цел во новата сезона е одбрана на титулата. Сметам дека имаме потенцијал и имаме играчки кадар да одговориме на предизвиците и во првенството, и во Европа. Утре очекувам добра игра и да имаме победнички почеток на новата сезона. Секој противник го почитуваме и го цениме, нема потценување за никого, ние ќе ја играме нашата игра, и се надевам дека ќе дојдеме до целта“, рече Беќири за сајтот на ФФМ.
На прашање како очекува да одговори екипата, со оглед дека имаше пет европски натпревари, Беќири вели:
„Не сме свежи како нашиот противник, бидејќи одигравме пет натпревари во Европа, тешки, исцрпувачки. Таков беше последниот со Карабах на домашен терен. Од сега па натаму нашиот фокус е целосно ставен кон првенството, затоа што преку првенството стигнавме тука каде што стигнавме во Европа. Сметам дека Шкендија има дваесетина квалитетни фудбалери, тројца добри голмани, широк ростер кој може да одговори успешно на сите предизвици“, додаде тренерот на Шкендија.
Беќири не сакаше да издвојува никого посебно како најсериозен ривал за титулата.
„Не би сакал никого посебно да издвојувам. Секоја екипа си има свој квалитет, цели и математики. Важно е на секој меч ние да влегуваме максимално мотивирано. Да наоѓаме желба и мотивација за секој меч. Одиме чекор по чекор. Нема никого да потцениме, без разлика кој и да ни е противник. Секогаш почетоците се тешки, па секое потценување може скапо да чини. Затоа ќе барам од играчите на секој меч максимален пристап. Сакаме да освоиме што повеќе бодови во првенството, но и во Европа, во групната фаза без разлика во кое натпреварување ќе бидеме. На секој натпревар мораме да најдеме начин како да бидеме максимално мотивирани“, заврши предводникот на тетовските „црвено-црни“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

