СТАРТУВА ПРВАТА ЛИГА: Израмнети клубови – високи амбиции, конечно ВАР, комплетни преноси на МТВ и Арена

Со првите два натпревари и тоа секогаш повеќе од интересни пресметки меѓу лути ривали, Шкендија – Шкупи (17 часот) и Вардар – Пелистер (20 часот) денеска стартува новата 2025/26 сезона во Првата македонска фудбалска лига.

Ако се суди според случувањата за време на летната пауза, но и погледнувајќи ги настапите на дел од клубовите на европската сцена, некако се наметнува впечатокот дека не очекува максимално неизвесна сезона со израмнети клубови со безмалку идентичен фудбалски квалитет, но отворени амбиции за шампионската круна и европски излез.  Јасно е дека како водечки фаворити за трофејот, барем и според најавите од самите табори, се Шкендија и Вардар, заедно дополнети со Силекс кој повторно негува високи цели со најмала амбиција за европски излез.

За првпат од оваа сезона сите натпревари во лигата ќе бидат под „окото“ на ВАР-системот кој конечно се воведува и во Македонија по доаѓањето на новото раководство на ФФМ. Уште по доаѓањето на Масар Омерагиќ на чело на федерацијата приоритет беше имплементацијата на ВАР-системот и за само неколку месеци истата е успешно е завршена. Сите натпревари од ПМФЛ во живо ќе бидат пренесувани на МРТВ, поделени во три натпреварувачки дена, а од септември стартуваат и преносите на Арена.

ШКЕНДИЈА

Актуелниот шампион Шкендија влегува во сезоната како тим што има цел да го задржи тронот. Со искусен ростер и веќе изграден систем, тетовскиот клуб останува главен фаворит, но ќе се соочи со сериозна конкуренција. Уште повеќе што тетовци за прв пат во својата историја се дел од главната рунда европски клупски натпреварувања.

ВАРДАР

По години нестабилност, Вардар повторно се наметнува како клуб со изградена тим и сериозни резултатски очекувања. Од раководството и играчкиот кадар на црвено-црните отворено најавуваат битка за титула. Како и да е, сезоната пред нас ќе биде вистински тест за тоа дали „вардарци“ се подготвени за целосно враќање на врвот на македонскиот фудбал.

СТРУГА ТЛ

Струга ТЛ, иако без титула минатата сезона, останува еден од подобро организираните клубови во лигата кој како и секогаш изминативе години цели кон највисок пласман. Како двократен првак и стабилно раководство, амбициите за европски пласман се реални и оправдани.

СИЛЕКС И РАБОТНИЧКИ

Силекс и Работнички, охрабрени од европските настапи, ќе настојуваат да ја задржат позитивната динамика и во домашниот шампионат. За двата клуба, континуитетот е клучен збор, нешто што им недостасуваше изманативе години.

ФОТО: Роберт Спасовски (ЕКИПА)

БАШКИМИ

Башкими по повеќе од деценија се враќа во најсилната конкуренција, но амбициите не се само за опстанок. Клубот од Куманово го гради тимот на основа на комбинација од млади фудбалери и искусни имиња, со цел да биде фактор уште од првото коло.

ПЕЛИСТЕР

Специфична ќе биде ситуацијата во Пелистер, клуб кој ќе стартува со силен мотив да покаже дека фудбалот во Битола секогаш заслужува респект. Публиката останува најсилниот сојузник и најголемиот критичар. Со нов тренер и многу промени во играчкиот кадар, амбициите се место меѓу најдобрите екипи во лигата.

МАКЕДОНИЈА ЃП

Во групата на тимови кои ќе бараат место во горниот дел од табелата влегуваат Македонија Ѓорче Петров, тим кој знае да игра на резултат, како и Тиквеш, кој секогаш добива силен импулс од домашната публика во Кавадарци.

 

АП БРЕРА И АРЕСИМИ

АП Брера и Аресими треба да покажат дека можат да бидат конкурентни против секого. Нивната улога ќе биде значајна во формирањето на пласманот на табелата.

ШКУПИ

Шкупи е најголемиот прашалник пред почетокот на новата сезона. Со многу промени во составот, главно аматерски засилувања, неизвесен спортски правец и интерна реорганизација, статусот на тимот од Чаир се уште е далеку од јасен. Огромно е разочарувањето во Чаир поради начинот на кој се води клубот, кој погледнато во овој момент е прв кандидат за напуштање на лигата.

ПМФЛ – 1. КОЛО (РАСПОРЕД)

ДЕНЕСКА (петок, 8 август)

Шкендија – Шкупи 1927 | 17:00 | Градски стадион, Тетово

Вардар – Пелистер | 20:00 | Национална арена „Тодор Проески“, Скопје

САБОТА (9 август)

Башкими 1947 – Аресими 1973 | 17:30 | стадион Башкими, Куманово

Струга Трим Лум – Македонија ЃП 1932 | 17:30 | стадион Караорман, Струга

НЕДЕЛА (10 август)

Тиквеш 1930 – Работнички | 17:30 | Градски стадион, Кавадарци

ПОНЕДЕЛНИК (11 август)

Силекс – АП Брера Струмица | 17:30 | стадион Силекс, Кратово

Се вчитува...