Струга ТЛ го расипа „кам-бекот“ на Македонија ЃП во елитата, Арсими до историски бод во Куманово (ВИДЕО)

Екипата на Струга ТЛ имаше успешен старт на новата сезона, откако на домашен терен со 2-0 го совлада повратникот во Првата лига, тимот на Македонија ЃП. Натпреварот беше тврд, без многу шанси, но домашните на крајот ги искористија своите шанси, или подобро грешките на одбраната на „лавовите“, за да дојдат до стартна победа, на официјално деби на Бледи Шкемби на клупата на некогашниот првак.

Струга ТЛ дојде до предност на крајот од првиот дел. Дефанзивецот Маудо успеа да погоди со глава, и да ја искористи заспаноста во редовите на Македонија ЃП по една нафрлена топка од Хамза. Претходно беше поништен гол на Компаоре поради игра со рака, па така Струга ТЛ со предност замина на пауза.

Во вториот дел Македонија ЃП тешко доаѓаше до шанса, а Струга ТЛ ја чекаше својата шанса од контра да го запечати победникот. И тоа се случи во 75. минута откако по една одлична акција која ја почна Шабани, ја продолжи Малески и ја заврши Компаоре со погодок во мрежата на Ефремов за удвојување на предноста на домаќините.

Во Куманово се одигра интересен и возбудлив натпревар, во кој двата тима одиграа без победник 1-1. Ова за Арсими беше деби во Првата лига, и успеа да освои бод на „жешкиот“ терен на противникот.

И покрај тоа што Башкими имаше повеќе од играта на почетокот на мечот, и една убава шанса преку Манасиевски, сепак, Арсими на полувреме замина со предност. Бешагиќ од слободен удар успеа да го израдува гостинот и да донесе предност. До крајот на полувремето, Адекунле ја погоди стативата, а Хаџиќ не искористи добра шанса.

Во вториот дел во игра беше уфрлен Марко Симоновски, кој во 62. минута успеа да израмни, а во 75. минута Башкими пропушти да дојде до предност, откако Ајдоган ја погоди само пречката до голот на Ислами.

Сепак, на крајот Башкими можеше и да остане со празни раце, откако Рамадани се најде во супер позиција, но премногу сакаше да си поигрува со противничките играчи, па шасната пропадна.

Адекунле не успеа да реализира на другата страна за предност на Башкими, а последната прилика на средбата ја имаше Рамадани од Арсими, но голманот Јашар успеа да го спаси од пораз својот тим.

ПМФЛ, 1. КОЛО

РЕЗУЛТАТИ:

СТРУГА ТЛ – МАКЕДОНИЈА ЃП 1-0

(Маудо 45’+3, Компаоре 75′)

БАШКИМИ – АРСИМИ 1-1

(Симоновски 62′ – Бешагиќ 31′)

 

Се вчитува...