Силекс ја „демолираше“ Брера: „Петарда“ во Кратово по фуриозно второ полувреме (ВИДЕО)

Силекс целосно ја демолираше АП Брера победувајќи со 5-0, а можеше да постигне најмалку уште толку погодоци, во последниот натпревар од 1. коло во Првата македонска фудбалска лига.

Сето тоа благодарение на одлично одиграното второ полувреме во кое кратовци покрај петте погодоци во три наврати ја погодија и рамката од голот на Брера.

Како и да е, по едно крајно анемично прво полувреме во кое единствената посериозна шанса беше во 13. минута кога Алиќ шутираше кон голот на гостите, но не успеа да го загрози противникот за водство на својот тим, во вториот дел целосна доминација на Силекс.

А, сето тоа благодарение и на фактот дека АП Брера од 28. минута играше со фудбалер помалку, по директниот црвен картон за младиот Никола Величковски кој неспретно стартуваше над домашниот дефанзивец Џеков и оправдано доби исклучување.

Па, за само десет минути на стартот од второто полувреме Силекс веќе целосно го „скрши“ отпорот на струмичани. Максимално ја искористија предноста од фудбалер повеќе и со три ефектни гола во периодот од 47. до 57. минута веќе имаат предност од 3-0 против струмичани кои целосно се распаднаа.

Најпрво Мигуел Пирес во 47. минута ефектно со глава постигна гол за водство од 1-0.

Но, во 53. минута Кристијан Ефтимов по одличен соло продор зголеми и на 2-0.

А, веќе во 57. минута нова одлична акција на домашните која со гол ја круниса Донов и за 3-0.

Потоа во 86. минута и Кристијан Велиновски постигна убав гол со лоб-удар за водство и од 4-0.

А, во 90. минута Мигуел Пирес испрати шут од 18 метри, топката го зафати Луковиќ и отседна во мрежата на гостите за конечни 5-0 за Силекс.

ПМФЛ – 1. КОЛО

Кратово: СИЛЕКС – АП БРЕРА 5-0

Пирес 47′, Ефтимов 53′, Донов 57′, Велиновски 86′, Луковиќ 90′(аг)

ПРЕТХОДНО

Тетово: ШКЕНДИЈА – ШКУПИ 5-1

Скопје: ВАРДАР – ПЕЛИСТЕР 4-1

Куманово: БАШКИМИ – АРЕСИМИ 1-1

Струга: СТРУГА ТЛ – МАКЕДОНИЈА ЃП 2-0

Кавадарци: ТИКВЕШ – РАБОТНИЧКИ 0-0

Се вчитува...