Ибраими: Заморот има влијание, но остануваме обединети во целта за триумф со Македонија ЃП

Шкендија во второто коло од новата сезона во Првата МФЛ денеска (17 часот) гостува во Скопје, во Ѓорче Петров на екипата на Македонија ЃП. Ова е прв гостински меч за првакот во новата сезона, откако првиот меч во новиот шампионат го реши во своја корист со убедливата победа над Шкупи од 5-1.

Тетовскиот тим во овој натпревар влегува после поразот и елиминацијата од Карабах во 3. квалификациско коло во Лигата на шампионите, но најдобриот стрелец на Шкендија, Бесарт Ибраими вели дека сега тимот е целосно фокусиран кон овој натпревар и кон целта да се дојде до победа.

„Заморот е тука и има влијание врз нашите настапи. Сепак, треба да бидеме многу искрени прво со себе, а потоа и со другите. Сите знаеме дека Шкендија веќе направи нешто многу големо и ние ќе бидеме во групна фаза во Европа. Истовремено, знаеме дека само преку првенството се обезбедува излез во Европа и поради таа причина првенството треба да се почитува максимално. Работевме на рехабилитација и верувам дека ќе бидеме во најдобрата верзија. За нас секој натпревар е тежок, бидејќи противниците против нас даваат 200% и поради тоа мора да бидеме максимално внимателни. Ова е само второ коло и не е дека многу го познаваме противникот, но од анализите на стручниот штаб мислам дека знаеме што да очекуваме. Најважно е да излеземе на терен за да ја играме нашата игра и задачите кои ќе ни бидат дадени, со верба дека ќе излеземе со посакуваниот резултат“, вели Ибраими.

Напаѓачот на Шкендија очекува екипата да остане обединета и да прикаже континуитет на добри резултати во Првата лига.

„Веќе реков дека имаме испишано историја, иако сакаме да се обидеме и против Лудогорец да обезбедиме пласман во Лигата на Европа. Сепак, за тие мечеви ќе размислуваме кога ќе дојде време. Сега сме максимално фокусирани кон Македонија ЃП. Најважно е да останеме обединети, за да имаме континуитет на добри настапи. Затоа во овој момент најважен натпреварот со Македонија ЃП“ – вели голгетерот на тетовскиот клуб.

Се вчитува...