Шкупи образложи зошто останале без терен: „Од Беласица си поиграа со нас, не го испочитуваа договорот…!“

Од ФК Шкупи преку официјално соопштение информираа зошто на време не успеале да договорат стадион за денешниот домашен натпревар против Силекс во 2. коло од ПМФЛ кој е откажан и со службена победа на кратовци од 0-3.

Чаирчани не обезбедија на време соодветен стадион кој ги исполнува минималните услови за ВАР-имплементација, а како што информираат причина за откажувањето на натпреварот е ФК Беласица со која најпрво се договориле и добиле одобрение натпреварот да се одигра во Струмица, а потоа сосема неочекувано струмичани го повлекле одобрувањето.

Во прилог од ФК Шкупи го лиферуваат и одобрувањето за одигрувањето на натпреварот од ФК Беласица издадено на 15. август.

СООПШТЕНИЕТО ОД ФК ШКУПИ ВО ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Прво, сакаме да им се извиниме на сите наши фанови за предизвиканите непријатности.
Сакаме јасно да ја објасниме ситуацијата:
• Постигнавме договор со сопствениците на стадионот во Струмица да го одиграме натпреварот таму и добивме нивно писмено одобрение (можете да го видите на фотографијата во прилог).
• Набрзо потоа ја известивме Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), а натпреварот е официјално регистриран и потврден во системот.
• За жал, во последен момент сопствениците на стадионот го повлекоа одобрувањето, создавајќи непотребен проблем за сите нас и за прволигашкиот фудбал.
Од оваа причина ФК Шкупи ќе го однесе случајот пред суд и ќе ги следи сите законски процедури.
Што се однесува до нашиот стадион, веќе започнаа работите за поставување на ВАР системот. Следниот домашен натпревар планираме да го одиграме на нашиот стадион, пред вас – нашите сакани навивачи.
Во овој процес се надевавме дека клубовите во Македонија ќе покажат солидарност и разбирање, што ќе ни овозможи да одиграме барем еден „домашен“ натпревар. За жал, не видовме таква поддршка; наместо тоа, нашиот пат стана уште потежок.
Конечно, имаме апел до сите политички партии: Ве молиме не користете го фудбалот за вашите политички кампањи и не мешајте се во нашиот спорт. Фудбалот им припаѓа на навивачите, играчите и клубовите. Оставете да се соочиме и ги решиме нашите предизвици заедно со нашите фанови. Бидејќи ФК Шкупи не е само клуб – тоа е нашето големо семејство. Со нашите навивачи, рамо до рамо, ќе ја надминеме секоја пречка и ќе продолжиме напред.
Ви благодариме за довербата и посветеноста.

Се вчитува...