Фудбалерите на Пелистер во првото коло претрпеа убедлив пораз на дербито со Вардар, но битолчани не кријат дека очекуваат далеку подобра игра и резултат во втората рунда, на утрешното гостување во Струмица против тимот на Брера.
„Натпреварот со Вардар е веќе зад нас. Сметам дека не заслуживме да загубиме со толку висок резултат, но фудбалот понекогаш знае да биде суров. Сега целото внимание е насочено кон утрешниот натпревар, каде што мора од првата минута да наметнеме наш стил на игра и да се избориме за трите бода. Нашата цел не е еден бод, туку победа. Убеден сум дека екипата поседува огромен потенцијал, но истиот мора да го потврдиме на терен“, вели Александар Ристевски, еден од клучните фудбалер во таборот на битолскиот прволигаш.
Тренерот Димитар Капинковски очекува неизвесна борба, со надеж дека неговиот тим ќе стигне до првите бодови во новата сезона.
„Првенството е на самиот почеток. Генерално, сите екипи – освен оние што имаа настапи во Европа – сè уште се компонираат и ги играат своите први натпревари. Поради тоа сметам дека барем на стартот шансите за позитивен резултат се 50/50“, истакнува Капинковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

