Капинковски: Пелистер до крајот на преодниот рок ќе има уште засилувања

По убедливиот пораз од Вардар на стартот од новата сезона во Првата македонска фудбалска лига, фудбалерите на Пелистер очекуваат далеку подобра игра и резултат во втората рунда, на утрешното гостување во Струмица против тимот на Брера.

Шефот на стручниот штаб на „пелистерци“, Димитар Капинковски, вели дека на секој натпревар ќе се дава максимумот во желбата за победа, но за остварување на зацртаните цели верува дека до крајот на преодниот рок ќе бидат донесени уште некои засилувања.

„Првенството е на самиот почеток. Генерално, сите екипи – освен оние што имаа настапи во Европа – сè уште се компонираат и ги играат своите први натпревари. Поради тоа сметам дека барем на стартот шансите за позитивен резултат се 50/50“ – вели Капинковски пред утрешното гостување во Струмица и дополнува:

„Ние, како ФК Пелистер, на секој натпревар се подготвуваме максимално, без разлика на противникот, и секогаш ќе се стремиме кон позитивен резултат. Преодниот рок трае до 7 септември и останува можноста да донесеме играч кој би придонел за реализација на зацртаните цели“.

Се вчитува...