Илиевски: И против Работнички да ја продолжиме серијата победи

Струга ТЛ денеска во 3. коло од Првата македонска фудбалска лига пред своите навивачи го пречекува Работнички.

Македонскиот репрезентативец Бојан Илиевски верува дека Струга ТЛ може да дојде и до третата победа на стартот од сезоната, со што веќе отворено ќе се потврдат амбициите на тимот за врвот во македонскиот шампионат.

„Цела недела се подготвувавме за овој натпревар. Го анализиравме противникот, знаеме кои се нивните најдобри страни, но го анализиравме и нашиот тим и каде треба уште повеќе да се подобриме“ – вели Илиевски, кој ја минува својата втора сезона во дресот на стружани.

Илиевски нагласува дека Струга има одличен старт на сезоната, а тимот со текот на времето ќе биде уште посилен.

„Сè уште сме во фаза на стекнување на неопходниот ритам, можам да кажам. Имаме многу нови играчи во тимот, потоа и нов тренер, мислам дека со текот на времето ќе бидеме уште подобри. Сепак, задоволни сме од почетокот на првенството, имаме две победи, па се надевам дека ќе ја продолжиме оваа серија“ – вели Илиевски, кој исто така сака тимот да ја продолжи традицијата на позитивни резултати против „романтичарите“.

11 победи, 5 нерешени и само 2 порази е епилогот од досегашните средби против „романтичарите“, против кои Струга ТЛ има и две победи на натпреварите од Купот.

Се вчитува...