Ладен туш за Вардар: Мато спаси бод против Брера во Скопје

Фудбалерите на Брера приредија огромно изненадување во рамките од третото коло од ПМФЛ, на гостински терен ремизирајќи против фаворизираниот Вардар со 2-2. „Вардарци“ имаа максимални шест бода по првите две рунди, струмичани имаа два пораза, но тоа беше само мотив плус за нив со добра игра и максимална ефикасност при своите шанси да стигнат до добар резултат. Во таборот на Брера можат и да жалат што не стигнаа до цел плен, за што главен виновник е Мато, кој со два гола спаси бод за Вардар на овој натпревар.

Изненадувањето беше најавено по десетина минути откако по едно долго додавање домашниот дефанзивец Сенгор се лизна, а Ндзенге го искористи тоа и во манир на голем стрелец го матираше голманот на „црвено-црните“. Радоста кратко траеше бидејќи Мато постигна еврогол на спротивната страна за 1-1, но Брера трпеливо ја чекаше својата втора шанса, со мајсторска реализација на Ивановски.

Вардар тргна во офанзива, преку Матиќ ја затресе гредата и јасно е дека вторите 45 минути од овој натпревар ќе донесат уште поголеми возбудувања. Очекувано, домашниот тим имаше повеќе од играта во вториот дел, но „црвено-црните“ тешко креираа шанси за гол. Закариќ погоди на петнаесетина минути до крајот, но тој гол беше поништен поради офсајд,

Закариќ пропушти нова шанса во 85. минута, а две минути подоцна Вардар успеа да израмни, повторно Мато беше стрелец со маестрален удар од триесетина метри, казнувајќи го истрчувањето на гостинскиот голман надвор од својот шеснаесетник.

Мечот беше продолжен за повеќе од десет минути, Вардар се закани преку Омерагиќ кој биеше непрецизно со глава, потоа во 99. минута домаќините имаа уште една одлична шанса, но фантастичниот Луковиќ со извонредна интервенција од самата гол-линија спречи целосен пресврт по ударот на Закариќ, па овој интересен натпревар заврши без победник.

Се вчитува...