Амир Јашар: Башкими има јасна цел за мечот против Тиквеш. Одиме на победа

По победата над Работнички на Националната арена „Тодор Проески“ во 2. коло од Прва МФЛ, Башкими се надева дека ќе продолжи со истото темпо и против Тиквеш. Според голманот Амир Јашар, екипата од Куманово очекува да стигне до нови три бода, пред сè поради големата поддршка од навивачите, иако е свесен дека Тиквеш е тимот кој најмногу се засили во преодниот рок.

„Играме против Тиквеш, екипа која, најискрено, се засили најмногу во овој преоден рок. Квалитетен тим. Ќе биде тежок натпревар и за нас и за нив. Ние ја имаме поддршката од навивачите, но и од градот“, изјави Јашар.

Голманот на Башкими смета дека неговата екипа има јасна цел за оваа сезона.

„Имаме квалитетна екипа и тоа го покажавме на стадионот ‘Тодор Проески’ против Работнички. Очекуваме дека ќе ги освоиме бодовите и ќе атакуваме на првите три места кои водат во Европа“, додаде тој.

Натпреварот Башкими – Тиквеш се игра денеска (25. август) на стадионот во Куманово, со почеток од 17:00 часот.

Се вчитува...