Турците покажаа сила и го демолираа ко-домаќинот Летонија

Турската репрезентација импресивно го почна настапот на Евробсаскет 2025 откако во првиот меч лесно и убедливо славеше над Летонија со резултат 93-73. Се очекуваше Летонците како ко-домаќини на шампионатот во својата арена во Рига достојно да му се спротивстават на турскиот состав, но наместо тоа можевме да проследиме апсолутна доминација на избраниците на Ергин Атаман.

Турските кошаркари во раната фаза на мечот стигнаа до двоцифрена предност, а летонскиот состав се приближуваше само кога за момент ќе проработеше шутот од далечина на оваа репрезентација. Првата четвртина заврши 24-21 за Турција , а на одмор се замина со турско водство од 47-39. Победата практично беше осигурана во третиот период во кој блесна Осман постигнувајќи три тројки, Турците ја надминаа границата од „плус 20“ и рутински го приведоа мечот до крај, за конечните 93-73.

Осман беше прв стрелец со 20 поени, извонреден блесок имаше Сипахи со 19 поени (5/5 за тројка), а одличен меч одигра и НБА-центарот Шенгун, со 16 поени, 8 скокови и 7 асистенции.

Во летонскиот табор најефикасни беа Ломаш со 16 и Жагарс со 11 поени, а селекторот Банки има причина за загриженост бидејќи токму Жагарс заработи незгодна повреда, па останува да се види дали одличниот плејмејкер ќе може да и помогне на оваа репрезентација на наредните натпревари.

Се вчитува...