Србија демонстрираше моќ, Естонија демолирана на стартот на Евробаскет

Српската кошаркарска репрезентација одигра импресивен меч во првото коло од Евробаскет 2025, декласирајќи го составот на Естонија со 98-64. Србите на теренот покажаа зошто важат за најголеми фаворити за титулата, диктираа темпо што беше пресилно за ривалите, а само поради падот на концентрацијата во завршните минути победата не беше уште поубедлива од овие „плус 34“.

Од самиот почеток стана јасно дека Естонците неемаат што да бараат, Србија предводена од Јовиќ и Јокиќ веќе во 5. минута стигна до првото двоцифрено водство, а првата четвртина ја заврши со убедливи 32-12. Предноста се зголемуваше како што одминуваше времето, на одмор избраниците на Пешиќ заминаа со 56-29, а потоа во третата четвртина постигнаа уште 30 поени (30-15). Селекторот реши да ги одмори најдобрите кошаркари во преостанатите 10 минути, а оние кои беа на теренот одиграа под своите можности, дозволувајќи Естонците да ја добијат последната четвртина со 12-20, што секако не го нарушува одличниот впечаток што српската репрезентација го остави на овој натпревар.

Никола Јовиќ беше прв стрелец со 18 поени, Аврамовиќ реализираше 13, додека Никола Јокиќ за 23 минути игра беше блиску до трипл-дабл, реализирајќи 11 поени, 10 скокови и 7 асистенции.

Србија во второто коло в петок во 20.15 часот ќе се сретне со Португалија, која денеска пријатно изненади со убедливата победа над Чешка.

Се вчитува...