Финска лесно и убедливо триумфираше на натпреварот против Велика Британија со 109-79, дуел што ќе остане запаметен по неверојатното издание на Лаури Марканен. Најдобриот фински кошаркар беше кошмар за Британците, демолирајќи ги со 43 поени трасирајќи го патот на својата селекција до втората победа во низа на стартот на Евробаскет 2025.
Марканен и Салин постигнаа по девет поени во првите пет минути за Финска, по што НБА-ѕвездата целосно ги презеде работите во свои раце. Крилниот центар погодуваше во рекетот, од линијата за слободни фрлања, но и од далечина (7/13 за тројка), помагајќи водството на Финска да расте од минута во минута. Тој имаше 29 поени уште во првото полувреме, 40 на крајот од третата четвртина, а бројката не беше уште поголема пред се поради фактот дека финскиот селектор го остави на клупата во голем дел од последниот период, кога победата практично беше осигурана.
Марканен го заврши натпреварот со 43 поени и 4 украдени топки, Салин постигна 21 поен, а за одбележување е дека Финците постигнаа дури 18 тројки со 50% успешност (18/36).
Најефикасни кај Велика Британија во овој пораз беа Нелсон со 13 и Хесон со 12 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

