Пешиќ: Играме со најтежок ривал досега, но ова не е најважен меч…

Србија вечерва во 20.15 часот ќе излезе на мегдан со Турција во клучниот меч за првото место во групата, но селекторот Светислав Пешиќ јасно стави до знаење дека не треба да се создава дополнителен притисок бидејќи клучните натпревари за неговата селекција допрва ќе следат во нокаут фазата.

„Целите не се менуваат без оглед на проблемите со кои се соочивме. Ова не е нашиот најважен меч на Евробаскет 2025, најважните дуели допрва ќе следат… но ова вечерва сигурно ќе биде меч со досега најсилен противник. Турција е селекција што покажа континуитет, тимска игра, но и дека има одлични индивидуалци. Говориме за многу квалитетен состав и тоа ќе биде нов предизвик за нас, да одиграме најдобро што знаеме и да видиме до каде сме стигнати со формата“, изјави Пешиќ.

Без оглед на ваквата изјава, српскиот кормилар јасно стави дека очекува максимален пристап од своите кошаркари во текот на сите 40 минути.

„Во подготовките имавме дуели со врвни селекции како Грција и Германија, покажавме дека добро се снаоѓаме со вакви ривали кои се 10% подобри или послаби од нас. Не чувствуваме притисок, туку желба – да го покажеме најдоброто од себе и да влеземе со менталитет да не се штедиме и да сториме се за да дојдеме до позитивен резултат, што уште повеќе би ни ја зголемил самодовербата пред нокаут-фазата“, прокоментира искусниот стратег на клупата на Србија.

Се вчитува...