Германците имаат „проблем“: Им се враќа селекторот, а тие играа „топ“ без него на клупата

Алекс Мумбру ги надмина сериозните здравствени проблеми поради кои го пропушти групниот дел од Евробаскет 2025, па селекторот на Германија ќе се врати на клупата на актуелниот светски првк почнувајќи од утрешниот осминафинален дуел против селекцијата на Португалија.

Мумбру мораше да биде хоспитализиран и не ги водеше првите пет меча на Германија на овој европски шампионат, неговата улога ја презеде асистентот Алан Ибрахимагиќ, под чие водство Германците играа феноменална кошарка, славеа на сите пет средби, постигнаа над 100 поени на четири од овие пет меча, остварувајќи вкупен кош-количник од +164.

Јасно е дека Мумбру сега ќе ја преземе командата од клупата, но германската јавност е загрижена дека тоа би можело да ја наруши хармонијата создадена од Ибрахимагиќ во изминатата седмица.

„Ибрахимагиќ, повеќе од успешен заменик на главниот тренер“, пишува „Deutsche Welle“, фалејќи ја скромноста и смиреноста на овој стручњак.

Германија како актуелен светски првак е меѓу главните кандидати за златото и на овој Евробаскет, а врз Мумбру притисокот сега е уште поголем, откако се виде дека оваа национална селекција функционира беспрекорно и без шпанскиот стратег на кормилото.

Се вчитува...