Кошаркарската репрезентација на Србија беше елиминирана од Евробаскетот, откако загуби од Финска со 92-86 во осминафиналето. Финците направија големо изненадување, го елиминираа првиот фаворит за златото и заслужено се пласираа во четвртфиналето, додека Србија беше елиминирана во осминафиналето на второто едноподруго ЕП, и тоа со својот најсилен состав.
Јокиќ играше и на двете претходни европски првенства и двапати репрезентацијата со него заврши во осминафиналето. Пред три години беа исфрлени од Италија, што беше малку шокантно, но ни приближно толку изненадувачко како ова ново испаѓање во дуелот со Финска.
Српски медиуми пренесуваат дека селекторот Светислав Пешиќ треба да ја понесе целата вина за овој дебакл, посебно ако се знае дека располагаше со најсилниот состав а успеа да го потроши Никола Јокиќ кој и на двете првенства му беше на располагање, не знаејќи да го искористи неговото присуство за позитивен резултат.
„Дали е навистина вината на трикратниот МВП на НБА? Тешко. Тој повторно беше лидер на тимот, а против Финците беше убедливо наш најдобар кошаркар. Тој го заврши тој натпревар со 33 поени со осум скока и три асистенции. Турнирот го заврши како прв играч во историјата на Србија кој имаше најмалку 20 поени на шест натпревари од Евробаскетот. Се знае кој е виновен“ – пренесуваат српските медиуми.
На прашањето на прес-конференцијата по синоќешниот меч дали заминува од клупата, Пешиќ со одговор:
„Пред мене, сојузот и сите тука, целта беше Европското првенство, а никој не размислува што ќе се случи сега, бидејќи тоа не е важно во овој момент. Вниманието на мене и на моите колеги беше на Евробаскетот за да се подготвиме што е можно подобро и да го постигнеме најдобриот можен резултат. Што ќе се случи и како ќе биде ќе видиме, секако и победите и поразите мора да се анализираат паметно, свесно, успеавме да најдеме решенија и да бидеме подобри од поразот. Никој не сака кога губи“ – рече Пешиќ дипломатски, но не потврдувајќи дека повеќе нема да биде на селекторската позиција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

