Чудесниот Дончиќ ја одведе Словенија во четвртфинале

Словенија е во четвртфиналето на Евробаскет 2025 откако Лука Дончиќ ја предводеше својата национална селекција до огромна победа над Италија со резултат 84-77. Италијанците влегоа како фаворити во овој натпревар, но Словенија го имаше расположеинот Дончиќ, кој со неверојатната прва четвртина го трасираше патот до големата победа. Италија се бореше, дојде до еден поен негатива во финишот, но Словенците апсолутно заслужено се пласираа меѓу најдобрите осум селекции на овој Евробаскет.

Првите десет минути минаа во знакот на Лука, кој постигна неверојатни 22 поени во четвртината, Словенија водеше со 29-11, но Дончиќ поради ситна повреда се упати кон соблекувалната и го пропушти стартот на вториот период. Италијанците се разбудија во нападот, успеаја да ја преполоват негативата, но сепак на одмор се замина со десет поени предност за Словенија (50-40). „Аѕурите“ потоа дојдоа на „минус шест“ на стартот од третиот период, но противникот знаеше повторно да се одлепи, пред се благодарение на неколкуте офанзивни скокови на Ален Омиќ и тројките на Препелич.

Во последната четвртина се влезе со преубедливи 72-56 за Словенија, Италија на 7:30 минути до крајот преку Нианг намали нна 75-65, но Дончиќ реализираше во клучни моменти, со „два плус еден“ по офанзивен скок, притоа изнудувајќи лична грешка на Нианг. Италијанците не се предадоа, па со тројката на Мели намалија на само шест поени негатива (78-72), принудувајќи го словенечкиот селектор на тајмаут на 4:28 до крајот.  Италија стигна и до 78-75, резултат при кој Фонтекио не погоди тројка за израмнување. Притисокот стана преголем, Препелич промаши две слободни фрлања, по што Пајола исто така не беше прецизен на спротивната страна. Фонтекио погоди за два намалувајќи на 78-77 , по што Дончиќ на авторитет доби две слободни фрлања по личната грешка на Нианг, петта за најдобриот италијански кошаркар во оваа последна четвртина.  Лука беше мирен кога беше најважно од линијата за слободни фрлања, Фонтекио се претвори во трагичар откако тргна на положување и не успеа да изнуди лична грешка, по што Словенија заслужено стигна до победата на овој суперинтересен натпревар.

Дончиќ го заврши мечот со фантастичнни 42 поени и 10 скокови, двоцифрен беше само уште Препелич со 11 поени, додека најефикасни во италијанскиот табор беа Фонтекио со 22 и Нианг со 12 поени.

Следен противник на Словенија во четвртфиналето од овој Евробаскет ќе биде актуелинот светски првак Германија.

Се вчитува...