Српскиот стручњак Александар Саша Ѓорѓевиќ е на списокот кандидати кои би можеле да го заменат Џанмарко Поцеко на клупата на италијанската репрезентација.
Селекторот на Италија одлучи да ја напушти таа позиција по тригодишен мандат, по што веднаш почнаа шпекулациите за имињата на неговите потенцијални замени. Меѓу нив е и Ѓорѓевиќ, иако Лука Бјанки, сега веќе поранешен селектор на Летонија, има предност. Освен нив се споменува и Андреа Тринкиери.
Од Италија не кријат дека има интерес за Ѓорѓевиќ, што потврдува и Џани Петручи, претседателот на локалниот кошаркарски сојуз.
„Сите знаат дека го почитувам Ѓорѓевиќ. Сите знаат за односот што го имаме, но и за оној што го имавме во тој момент кога бевме на работ да го доведеме. Тоа не се случи пред две години, па ќе видиме“, изјави Петручи.
Доколку ја добие работата, тоа би била третата позиција на Ѓорѓевиќ како селектор, бидејќи претходно работеше како селектор на селекциите на Србија и на Кина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

