Грција е вториот полуфиналист на Евробаскет 2025 откако нашиот јужен сосед славеше во пресметката со Литванија со резултат 87-76. Литванците во осминафиналето го изненадија домашниот состав на Летонија среде Рига, но избраниците на Куртинаитис вечерва немаа шанси за сензација, Грците имаа контрола над резултатот и заслужено се најдоа меѓу четирите најдобри селекции на овој шампионат.
Предводени од Јанис Адетокумбо, избраниците на Спанулис се соочија со проблеми на самиот старт кога Литванија поведе со 0-7, но Грција експресно се врати и ја доби првата четвртина со 24-19. Грците потоа стигнаа и до „плус 11“ во вториот период, Литванија намали на само еден поен (39-38), но тоа беше се што литванскиот состав успеа да стори. Литванците подобро го завршија полувремето и на одмор заминаа со 44-38, а потоа во третата четвртина се вратија на двоцифрена позитива, во последните 10 минути влегувајќи со водство од 64-52. Оваа предност беше рутински задржана до самиот крај, за пласман во полуфиналето, прво за Грција по 2009 година.
Адетокумбо повторно беше во главна улога со 29 постигнати поени, а „џокер“ на Спанулис во ова четвртфинале беше Толиопулос со 17 поени. Валанчиунас одигра одличен меч со 24 поенни и 15 скокови, но доминантниот центар немаше соодветна поддршка на теренот, па Литванците го загубија овој меч и го завршија настапот на Евробаскет 2025.
Противник на Грција во полуфиналето ќе биде селекцијата на Турција, која попладнево рутински славеше над Полска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

