Неверојатниот Дончиќ не можеше сам: Германија е последен полуфиналист на Евробаскет

Репрезентацијата на Германија е последниот патник во полуфиналето на завршницата на Европското првенство кое што се игра во Рига, откако вечерва успеаја да го урнат отпорот на храбрата Словенија и да слават со (99-91)

Словенците на неверојатен начин го стартуваа мечот. Одиграа фуриозна прва четвртина во која буквално сите кошаркари на Словенија погодуваа па по десет минути игра имаа двоцифрена позитива (21-32).

Иако во вториот период посебно напаѓачки Словенците одиграа многу полошо, сепак некако успеаја да ја задржат предноста и на пауза да заминат со позитива од 45-51. Во третиот период Словенците успеаја да ги одбијат сите напади на противникот па и по три четвртини да ја задржат предноста (70-74).

Во последниот период Германците брзо стигнаа до позитива, а Дончиќ на секој можен начин се обидуваше да го држи својот тим во егал па на три минути до крајот натпреварот влезе со позитива на Германија од 89-87. Германија на крајот успеа да се одлепи и да слави со 99-91. Лука Дончиќ натпреварот го заврши со 39 поени, додека кај Германците Франц Вагнер заврши со 23 поени.

Во полуфиналето Германија за противник ќе ја има Финска, додека во второто полуфинале ќе се сретнат Турција и Грција. И двата меча на програмата се во петок.

Се вчитува...