Селекторот на српската кошаркарска репрезентација, Светислав Пешиќ, не даваше многу изјави по тешкиот пораз од Финска и предвремената елиминација од Евробаскетот. Во Рига, изјави само дека тимот е заразен со вирус, а по слетувањето во Белград, рече дека нема да поднесе оставка, бидејќи „ова не е фудбал“.
Но, како што објавува „Спортклуб“, им се доверил на пријатели, на кои детално им објаснил што се случувало во Летонија
Според сигурни извори, Пешиќ раскажал некои приказни од кои може да се заклучат причините за дебаклот на Србите на Европското првенство.
„Да го доведев малиот Топиќ, сите знаеме какви ќе беа реакциите…“, признал Пешиќ дека имал дилема, притоа откривајќи дека само двајца играчи дошле на тренинг кампот „тип-топ“ подготвени, а тоа биле капитенот Богдан Богдановиќ и Вања Маринковиќ. Останатите 10 играчи биле неподготвени, со прекумерна тежина и надвор од форма. Вклучувајќи го и Никола Јокиќ.
„Што да му кажам на Јокиќ? Погледнете што добивме во нападот со него, иако дојде со прекумерна тежина“ – рекол Пешиќ.
Пешиќ во таа прилика признал дека жали што го довел Василије Мициќ, кој не играл сериозна кошарка во НБА речиси две години. Тренерот им кажал на своите пријатели дека губењето на Богдановиќ бил голем удар за тимот, особено затоа што капитенот не можел ниту да остане во Рига.
„Секој пат кога нешто ќе се случеше во тимот, Богдан го решаваше за мене“, рекол Пешиќ, признавајќи дека го изгубил тимот во соблекувалната.
Особено бил непријатно изненаден поради тоа што Марко Гудуриќ, Алекса Аврамовиќ и Огњен Добриќ ништо не придонеле да не се почувствува отсуството на Богдановиќ. Уште повеќе, тројцата се посветиле на својата вера за време на турнирот и одбивале да јадат месо. Дури еднаш избрале да одат во црква и да се молат место да одат на тренинг.
„Тренирав играчи од сите вери, ги познавам овие момци во душа и бев малку изненаден колку далеку стигна сето тоа со верата. Покрај сето тоа, тие не сакаат да јадат месо, а им треба енергија…“ – бил шокиран српскиот селектор.
Пешиќ признал уште една грешка.
„Не требаше да го задржам Мициќ во игра на крајот од мечот против Турција, требаше да го вратам Јовиќ. Да ги победевме Турците, сè уште сега ќе бевме таму во Рига“ – коментирал Светислав Пешиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

