Се е подготвено за завршните пресметки на Евробаскет 2025 и денешната полуфинална програма во која најпрвин во 16 часот ќе се сретнат Германија и Финска, а потоа во 20 часот силите ќе ги одмерат и лутите ривали Грција и Турција.
Во меѓувреме, ФИБА ја објави и скратената листа од пет кандидати за големото МВП-признание, на кое очекувано се најдоа кошаркари од четирите полуфиналисти. Германија е единствената репрезентација со двајцата МВП-кандидати, и тоа Денис Шрудер и Франц Вагнер. Шрудер повторно е лидер на актуелните светски прваци со просек од 20,1 поен и 5,9 асистенции по ннатпревар, додека Вагнер исто така има одлични бројки од 21 поен, 5,7 скокови и 3,9 асистенции по натпревар.
Турскиот центар Алперен Шенгун е најзаслужниот за пласманот во полуфиналето на овој Евробаскет, впрочем тој оствари трипл-дабл во четвртфиналниот триумф над Полска, а на шампионатот има импресивен проек од 21,6 поени, 10,9 скокови и 7,1 асистенции по натпревар.
Лаури Марканен е „алфа и омега“ во репрезентацијата на Финска и има просек од 24,7 поени, 7,9 скокови и 2,9 асистенции, предводејќи ја оваа скандинавска селекција до првото полуфинале во историјата.
Квинтетот го затвори доминантната НБА-суперѕвезда, Јанис Адетокумбо од Грција, кој игра изворнедно на овој шампионат и со просек од 29,8 поени, 9 скокови и 3,6 асистенции е најзаслужниот што Грција по 16 години повторно е дел од едно европско кошаркарско полуфинале.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

