Денешниот ден ќе остане запаметен во историјата на КК Пелистер бидејќи токму денеска „зелено-белите“ ќе го одиграат првиот официјален европски натпревар во своето постоење. „Пелистерци“ се дел од еден од трите квалификациски турнири за Лигата на Шампионите на ФИБА, па денеска со почеток во 15.30 часот во Самоков ќе истрчаат на терен против Реџо Емилија.
Јасно е дека италијанскиот клуб ќе ја има фаворитската улога на овој меч, но тренерот Даскаловски и сите кошаркари се решени да се даде се од себе и да се стигне до позитивен резултат. Дури и доколку тоа не се случи и денеска биде претрпен пораз, Пелистер ќе продолжи да биде дел од европските натпреварувања, и тоа во групната фаза од ФИБА Купот во која за противници ќе ги има Цедевита јуниор од Хрватска, Патриоти Левице од Словачка и Керавнос од Кипар.
„Пелистерци“ ќе бидат значително ослабени во рекетот со неиграњето на Џордан Скипер Браун (го напушти клубот поради семејни проблеми) и Ленгстон Вилсон (задоцнет сертификат за да може да биде пријавен во ФИБА), но без оглед на тоа желбата кај сите за покажување во вистиско светло е на највисоко ниво.
„Реџо Емилија е тим што е исклучително квалитетен, на чело со грчкиот стратег Пифтис кого добро го познанвам. Можам да кажам дека странските кошаркари им се сериозни, играат на високо ниво многу години и тоа е едно поинакво ниво за нас, а за мене е чест и задоволство што можеме да излеземе на терен со таков ривал. Секако, ќе дадеме се од себе за достојно да го претставиме клубот, но и македонската кошарка. Ова е тренд што треба да го следат и остаатите, преку европски натпревари да се добива искуство и квалитет“, изјави тренерот Боро Даскаловски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

