Кожув бара објаснување: Кој ја донесе одлуката автобусот со наши навивачи да не биде пуштен во Скопје?

Кошаркаскиот клуб Кожув реагира откако вчера автобусот со нивни навивачи беше вратен назад и не им беше дозволено присуство на натпреварот во Супер-Купот против МЗТ кој се играше во Кале.

Од тимот од Гевгелија велат дека присуството на фановите било уредно пријавено од страна на клубот, и дека сакале само да создадат спортска атмосфера.

„Во врска со случувањата пред натпреварот од Суперкупот на Македонија, сакаме да ја информираме јавноста дека автобусот со нашите навивачи беше запрен и вратен назад, иако нивното присуство беше уредно пријавено од страна на клубот.

Точно е дека пријавата беше доставена околу 30 часа пред почетокот на натпреварот, можеби надвор од законскиот рок, но сепак навреме за организаторот и надлежните институции да се подготват. Нашата намера беше единствено да обезбедиме фер спортска атмосфера и поддршка за тимот.

Спортот се игра пред сѐ за навивачите и гледачите. Со вакви одлуки и постапки – било на МВР или Федерацијата – ризикуваме салите да останат празни и да го изгубиме она што е суштината на спортот: заедништво, фер-игра и спортски дух.

Воедно, бараме појаснување:
Кој ја донесе одлуката автобусот со навивачи да биде вратен назад?
Кои се причините за тоа?

КК Кожув ќе продолжи да се залага за позитивна спортска атмосфера, во која сите љубители на кошарката ќе можат безбедно и достоинствено да го бодрат својот клуб“, стои во соопштението на Кожув.

Се вчитува...