Поранешниот македонски репрезентативец, едно од најславните домашни кошаркарски имиња Ѓорѓе Војновиќ кариерата ја почна во дресот на Работнички, тим за кој имаше бројни блескави партии.
Во подкастот „ПРЕСИНГ“ открива и една досега нераскажана приказна – како кошаркарите на Работнички едвај успеале да побегнат од Сараево, само неколку часа пред почетокот на братоубиствената војна во Босна и Херцеговина во 1992 година, во последната натпреварувачка сезона во поранешна Југославија.
„Ние со Работнички игравме во таа југословенска лига без хрватските клубови кои веќе се имаа откажано. Го победивме Партизан кој таа година стана европски шампион, па од таму отидовме во Ужице, па во Тузла и завршивме во Сараево, така беше направено за првенството побрзо да заврши бидејќи беше евидентно дека… Ние заминавме од Сараево за Скопје, го напуштивме Сараево дента кога почна војната, кога пукаа снајперистите. Ние 12 часа не можевме да го напуштиме градот, се беше блокирано бидејќи војната почнуваше. Патувавме 28 часа до Скопје, не знаеја нашите семејства дали сме живи, затоа што гледаа на ТВ, а немаше мобилни телефони во тоа време, не знаеја дали ќе се вратиме живи или не… На крајот, на сите барикади ни земаа се што имавме, само да не пуштат да минеме“, се присетува Војновиќ на тоа патешествие.
Уживајте гледајќи ја целата нова епизода на ПРЕСИНГ, посветена на кошарката, во која покрај Војновиќ гостин е и поранешниот македонски селектор и тренер на МЗТ Скопје, Александар Тодоров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

