ЕКИПА во Загреб,
Стеван Цаневски
Кошаркарите на Пелистер се подготвени за големиот предизвик што го носи оваа сезона, дебитантска за битолскиот клуб во едно европско натпреварување.
„Зелено-белите“ oчекувано беа елиминирани од Реџо Емилија од Лигата на Шампионите, но самото учество во тие квалификации значеше и загарантирано место во групната фаза од ФИБА Европа купот. Ова натпреварување стартува токму денеска, и тоа со гостување во Загреб против Цедевита Јуниор.
„Пелистерци“ имаат две убедливи победи на стартот од домашното првенство, но се свесни дека ќе мора да одиграат уште подобро доколку сакаат триумф вечерва во Загреб.
„Задоволен сум од она што го прикажуваме на почетокот од оваа сезона. Во тимот владее одлична атмосфера, имаме добра енергија кај сите играчи, домашните и странските кошаркари одлично се вклопија и сето тоа дава оптимизам за уште подобри изданија во наредниот период. Ова сепак е само почеток на сезона, верувам дека ќе растеме како екипа како што ќе одминува времето. Се подготвивме за денешниот противник, Цедевита е квалитетна екипа што исто како и нас игра со многу енергија на теренот. Според мене клучно ќе биде да се добие битката под обрачите, ќе треба добро да го заштитиме тој дефанзивен скок, аспект од играта во кој имавме проблем на стартот од сезонава, но кој дефинитивно сме способни да го подобриме.Свесни сме што треба да направиме, секако желба на сите во тимот е да се вратиме во Битола со прва европска победа“, вели Андреј Митревски, македонскиот репрезентативец од редовите на Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

