Даскаловски: Знаеме дека можеме многу подобро од она што го покажавме со МЗТ

Пеколниот ритам натпревари за Пелистер продолжува со денешното гостување против Приевидза во Словачка, во кое избраниците на Боро Даскаловски ќе го имаат за противник единствениот тим што го победија во досегашниот дел од ФИБА Европа Купот.

Заморот е сериозен проблем за битолскиот клуб во овој дел од сезоната ако се знае дека цел месец се игра во ритам од два меча неделно, но тренерот Даскаловски е оптимист дека неговите избраници ќе соберат сили за да одиграа квалитетен меч на ова гостување. Приевидза има скор 2-2 по четири одиграни кола, Пелистер има 1-3, домашниот тим ќе ја има улогата на фаворит, но „пелистерци“ се решени да покажат заби на ова незгодно гостување.

„Ќе ни биде исклучително тешко. Ја победивме Привеидза во Битола, тие и на тој прв меч покажаа дека се квалитетен тим, па свесни сме колку е сериозен предизвикот сега кога ќе играме пред нивна публика. Воопшто нема да биде лесно да се дојде до позитивен резултат, но верувам дека сите играчи ќе го дадат својот максимум“, изјави Даскаловски.

Тој се осврна и на последниот меч во домашното првенство во кој „пелистерци“ по голема борба загубија од шампионот МЗТ Скопје.

„Што се однесува до дербито со МЗТ, мораме и знам дека можеме многу подобро од она што го покажавме, иако имавме пеколен ритам, проблеми со повреди, болести и голема енергетска потрошувачка. Мораме да научиме сето тоа да го канализираме и да славиме на вакви натпревари бидејќи оваа сезона има повеќе екипи со квалитет и фонд на играчи кои ќе претендираат на висок пласман. Затоа е важно да славиме на ваквите натпревари во иднина“, вели шефот на стручниот штаб на Пелистер.

Се вчитува...