Пелистер со нов убедлив пораз во Европа

Кошаркарите на Пелистер во петтото коло го претрпеа четвртиот пораз од ФИБА Европа купот откако вечерва загубија во Словачка од тимот на Приевидза со убедливи 97-82. „Пелистерци“ единствениот триумф во европските натпреварувања го имаа токму против овој ривал, но Словаците го искористија поразот во Битола како дополнителна мотивација, со убедлива победа зацврстувајќи се на второто место во групата.

Повторно слабата игра во одбрана беше клученн фактор во играта на „пелистерци“. Словаците ја добија првата четвртина со 27-17, македонскиот претставник набрзина намали на 27-22, но тоа беше се што Пелистер успеа да стори на овој натпревар. Остатокот од полувремето мина во знакот на домашните кошаркари, кои заминаа на одмор со 47-32, потоа рутински контролирајќи го резултатот до лесна и убедлива победа.

Брејси Дејвис беше најефикасен на натпреварот со 19 поени, три повеќе од Крстевски, 15 постигна Малешевиќ, а двоцифрен ефект имаше и Вилсон со 13 поени.

„Пелистерци“ во последното коло од ФИБА Европа купот ќе го пречекаат тимот на Керавнос од Кипар.

Се вчитува...